in

Алба и Мориба за -2 пред водечкиот Атлетико!

Последниот натпревар од саботната програма од 26. коло во шпанската Ла Лига и донесе победа на Барселона на гостувањето во Памплона против Осасуна со резултат 2:0 (1:0), а стрелци беа Џорди Алба и Илеис Мориба. Каталонците сега имаат два бода помалку и два одиграни натпревари повеќе од првопласираната екипа на табелата – Атлетико Мадрид.

Џорди Алба ја донесе Барселона во водство со многу убав удар во 30-тата минута, а Лионел Меси атрактивно му асистираше за погодокот.

Тимот на Роналд Куман продолжи да биде офанзивен, а во 83. минута беше решено прашањето за победникот, повторно со асистенција на Меси. Стрелец беше 18-годишниот играч за врска Илеис Мориба, за кого ова беше прв погодок во дресот на Барселона.

По оваа победа, Барселона е на 56 бода, два помалку од лидерот на табелата на Атлетико Мадрид, но „јорганџиите“ имаат и два натпревари повеќе. Ова беше трета победа на Барселона во Ла Лига по ред, и тие не беа поразени во Примера на последните 15 натпревари – последен пат беа поразени во Примера од Кадиз на петти декември.

Ова беше нивна осма победа во низа на првенствените натпревари на гости, и петти дуел без примен гол во низа на шампионатот.

Каталонскиот гигант се соочува со големи предизвици затоа што се ближат клупските избори, кои ќе ја одредат иднината на тимот и евентуалниот престој или заминување на најдобриот играч на тимот – Лионел Меси. Покрај тоа, Барселона во среда ќе го одигра реванш осминафиналето од Лигата на шампионите против Пари Сен Жермен и ќе се обиде да ја оствари „невозможната мисија“ и да ја надополни предноста на ПСЖ од 4:1 на „Камп Ноу“ од првиот дуел.

Коментари

Претплатете се
Известете ме за
guest
0 Comments
Inline Feedbacks
Прегледајте ги сите коментари

Loading…

0

Како ви се допаѓа?

0 поени
Upvote Downvote