in ,

Што?Што?

Грешки на родителите што водат кон тврдоглаво дете

Ниту еден родител не е совршен и одвреме-навреме греши во воспитувањето, но некои грешки може сериозно лошо да влијаат на однесувањето на детето – особено во позрелата возраст. Социјалната работничка од САД, Тензин Чодон открива какви грешки прават родителите и несвесно, несакајќи, одгледуваат тврдоглави деца.

– (Децата) треба да знаат дека ги слушате, дека нивното мислење вреди и не ги игнорирате кога разговараат со Вас. За разлика од други деца, на некои бесот им е најлесниот начин да го добијат она што го сакаат… А, токму улогата на родителите е пресудна во одредувањето дали нивното дете ќе порасне во тврдоглава личност, објаснува Чодон.

Следат шесте најчести грешки на родителите, коишто резултираат со тврдоглави деца.

Родителот не поставува јасни правила

Во воспитувањето треба да постојат одредени правила и граници кои детето мора да ги почитува.

– Во ред е детето да ја изразува сопствената желба и волја, но не секогаш. Родителите не смеат да им попуштат на децата кога се во прашање некои правила. Дури и ако тоа понекогаш значи ограничување на нивната слобода, децата треба да знаат што е правилно, а што погрешно однесување, вели Чодон.

Недоволна комуникација со детето

Меѓу најважните работи за успешно воспитување е комуникацијата. Ако ја нема, стручњаците предупредуваат дека детето може да порасне во тврдоглава личност. Зошто? Комуникацијата е клучот за воспоставување квалитетен однос родител – дете. Ако родителите немаат доволно време или не сакаат да го слушнат своето дете, голема е веројатноста дека и тоа нема да сака да слуша подоцна, според Чодон.

Запоставување на потребите на детето

Можеби најголемата грешка на родителот, е игнорирањето на потребите на своето дете, без разлика дали е тоа разговор, слушање, разбирање или, просто – внимание. Имено, доколку детето забележи дека неговото мислење не се цени или дека не му се обрнува внимание, ќе се потруди да привлече внимание со своето тврдоглаво однесување. Она што е проблем е фактот што детето ќе се обиде да привлече внимание со лошо однесување.

Преголема критичност на родителот кон детето

– Родителите се обидуваат детето „да го изведат на вистинскиот пат“, но понекогаш одат и предалеку. Прекумерната критика и очекувањето совршени резултати од детето може да резултира со тврдоглаво однесување бидејќи ниедно дете не сака притисок. На крајот на краиштата, сите ние понекогаш грешиме и тоа е нормален дел од животот, појаснува социологот.

Недоследност во своите одлуки

– Доколку Вашето дете случајно забележи дека како родители не сте доследни, неговото однесување може да се промени, како и неговото почитување кон Вашите правила и граници. Имено, секое отстапување од одлуките или зборовите, кај Вашето дете може да резултира со тврдоглава реакција и однос… Без разлика дали се работи за казна, ограничување или награда, предупредува Чодон.

Викање и казни

Нормално е детето одвреме – навреме да противречи, но важно е и тоа – како возрасниот ќе реагира притоа. Наместо да вика и казнува, родителот мора да се обиде мирно да му објасни на детето што згрешило. Имено, начинот на којшто реагира има значително влијание врз однесувањето на малечкото кое секогаш го гледа, слуша и проучува својот повозрасен пример, кого го следи во животот.

Како ви се допаѓа?

1 поен
Upvote Downvote