Барселона го претрпе првиот пораз откако Роналд Куман седна на клупата. Подобар од Каталонците во предградието на Мадрид беше Гетафе, кој славеше со резултат 1: 0 со голот на Хаиме Мате од белата точка во 56. минута. Холандскиот стручњак беше незадоволен од неколку работи по мечот.
“Имаше многу фаули особено на стартот и не можевме да влеземе во вистински ритам. Судијата ја забави играта и искрено беше многу тешко да се постигне погодок. Исто така мислам дека бевме оштетени во неколку наврати и се прашувам дали воопшто имаше ВАР на овој натпревар “, рече Куман.
Изненадување беше појавувањето на 17-годишниот Педри во почетниот состав, додека изостана Бразилецот Кутињо, кој го замени Педри во 62-та минута.
“Педри е веќе одличен играч и покажа дека има квалитет за Барселона. Намерно го одморивме Кутињо, тој минатата недела играше многу минути за репрезентацијата на Бразил”.
Холанѓанецот исто така се обиде да го стави Гризман на местото класичен напаѓач, но Французинот сепак игра многу далеку од својата врвна форма. “Имаме многу квалитет во нападот и играчи, кои можат да играат на повеќе од една позиција. Се обидовме со Гризман во центар. За нас е важно да имаме неколку опции и да можеме да се прилагодиме на ситуацијата”, рече Куман.
Следната сабота Барселона ќе се сретне со Реал Мадрид во „Ел Класико“, кој исто така разочара во оваа рунда. Тие беа поразени на домашен терен од Кадиз. Ова ќе биде прв пат од 2003 година и Барса и Реал да влезат во најважниот натпревар во шпанскиот фудбал со пораз. Реал во моментов е прв на табелата со десет бода. Каталонците се на деветтото место со седум бода и еден натпревар помалку од Мадрид.
Коментари
Loading…