Строга блокада на Германија од среда поради Ковид-19
Затворање на продавниците, строги лимити на социјалните контакти, забрането пеење во црквите и забрана за продажба на пиротехника. Германија драматично ги засилува ограничувањата во обид да ја сопре пандемијата.
Германската канцеларка Ангела Меркел соопшти дека се усогласила со премиерите на 16 покраини да се заострат мерките од среда, 16 декември до 10 јануари во обид да се спречи растот на новозаразените со Ковид-19.
„Принудени сме да делуваме на овој начин“, изјави Меркел во Берлин, додавајќи дека актуелните ограничувања воведени во ноември не успеаја позначително да го намалат бројот на нови инфекции.
Од среда, ширум државата ќе бидат затворени сите училишта или ќе се префрлат на онлајн учење; сите продавници кои не продаваат храна ќе бидат затворени, како и малите бизниси како фризерските салони. Рестораните ќе смеат да продаваат само спакувана храна. Со исклучок на Божик, бројот на луѓе кои смеат да се собираат во затворен простор ќе биде ограничен на 5, со исклучок на децата под 14 години.
Традиционалната продажба на пиротехника за прославата на Новата година е забранета, исто како и групните собири за новогодишната ноќ.
Владата ќе им обезбеди дополнителна финансиска помош на стопанствениците погодени од ограничувањата. Министерот за финансии Олаф Шолц најави сума од околу 11,2 милијарди евра. Од сите компании се бара да им дозволат на вработените да работат од дома во следниот месец.
Верските обреди ќе бидат дозволени, но само со дистанца и носење маски, иако пеењето се забранува.
Коментари
Loading…