in ,

УбавоУбаво

Прашања кои треба да си ги поставите пред да стапите во брак

Стапувањето во брак е голем чекор за кој треба добро да се размисли. Никој не стапува во брак со очекување дека ќе се разведе, но разводите стануваат сè почеста појава која не би посакале да ни се случи. Пред да одговорите позитивно на понудата за брак или пред да одлучите некому да му понудите брак, еве за што задолжително мора да размислите.

 

Дали вашиот партнер ве привлекува и физички, не само емоционално?

Се разбира дека изгледот не е најважен, тоа е плитко размислување. Но, не смееме да речеме дека воопшто не е важен, во тој случај би биле големи хипокрити. Вашиот партнер треба да ве привлекува емоционално но и физички. Мора да постои таа хемија меѓу вас која ќе направи искрата страст да не згасне и по долги години во брак.

 

Што се случува кога се карате или не се согласувате?

Кавгите и несогласувањата се неизбежни во секој брак, затоа многу е важно како се справувате со нив. Дали мора секогаш да биде по ваше? Дали знаете како да направите компромис? Колку се чести кавгите и несогласувањата и за што најчесто се случуваат?

 

Дали ќе бидете верни?

Не влегувајте во брак со резерва дека некогаш би можеле да скршнете од патот, да направите грешка и подоцна да се оправдате, да го изневерите својот партнер доколку ви се пружи прилика. Бракот е сериозен чекор, а да претпоставиме дека ќе имате и деца. Многумина ќе бидат повредени од вашата несериозност и нелојалност. Стапете во брак само доколку знаете дека може да бидете верни и да ја заслужите довербата на партнерот.

Дали делите исти или слични верувања и интереси?

Делењето на исти или слични верувања и интереси е клучно за успешен брак. Тие се основа на вашиот заеднички живот и на начинот на кој би ги воспитувале своите деца, затоа многу е важно да се најдете на иста бранова должина со вашиот партнер.

Дали вие сте таа личност која вашиот партнер ја бара и со која сака да стапи во брак?

Доколку размислите на долги патеки, дали вие сте тоа што тој/таа го/ја сака за себе во иднина? Дали се поклопувате со профилот на неговата/нејзината иден/на сопруг/а?

 

Дали делите слични животни цели?

Сите ние се придвижуваме кон нашите цели и желби. Важно е да се движите заедно а не да се постојано разидувате. Секако, за многу нешта ќе бидете различни и меѓусебно ќе се надополнувате, но што ќе се случи ако вашите планови и цели за иднината воопшто не се ни слични? Што ако вие сакате да патувате и макар привремено да живеете во друга земја а тој/таа не го сака истото?

 

Дали сте горди на својот партнер?

Дали го/ја гледате со гордост во очите? Дали му/ѝ се восхитувате? Дали сте подготвени несебично да подигнете чаша и да наздравите за неговите/нејзините успеси?

Дали го прифаќате семејството на партнерот?

Неизбежно ќе бидете во контакт со семејството, па доколку не го прифаќате неговото/нејзиното семејство, или чувствувате дека вие не сте прифатени, размислете како би функционирале. Ќе треба да се гледате за празници, да ги носите вашите деца на посета, да им помагате кога се болни или имаат потреба од тоа. Семејствата се дел од нашите животи од кои не можеме да се отсечеме.

Како ќе ги решите финансиските прашања?

Дали имате претстава како би ги решиле големите финансиски прашања? Парите се една од најголемите причини за развод. Дали ќе работите со здружени или одделни финансии? Колкава улога имаат парите во неговиот/нејзиниот, а колкава во вашиот живот?

Внимателно размислете пред да стапите во брак, дали сте подготвени и дали тој/таа е вистинската личност. Ако одговорот е позитивен, впуштете се во таа прекрасна љубовна авантура и бидете подготвени заедно да делите прекрасни моменти и да ја дочекате староста фатени за раце. Бракот не е страшен, па се надеваме дека со овој текст не ве исплашивме многу. Само сакаме да бидете сигурни во вашата одлука.

Како ви се допаѓа?

0 поени
Upvote Downvote