Џонатан, најстарата желка на светот, го слави својот 190-ти роденден на островот Света Елена, британска територија во Атлантскиот Океан каде жителите почнаа да слават денеска.
„Само кога ќе помислиме дека желката дошла на свет во 1832 година, тогаш сме изненадени колку многу се променило во светот од тогаш. Светските војни, подемот и падот на Британската империја, промената на кралевите и кралиците…“, изјави пензионираниот ветеринар Џо Холинс, кој се грижи за Џонатан.
Џонатан е најстарата желка некогаш забележана во светот и најстарото познато живо копнено животно. Познатата желка годинава влезе во Гинисовата книга на рекорди.
Животното живее на Света Елена од 1882 година и неговата старост е само проценка.
Фотографијата направена по нејзиното пристигнување на островот покажува дека таа имала најмалку 50 години, можеби и повеќе.
Животното видело 35 гувернери како парадираат низ оваа британска прекуморска територија, но го пропуштил Наполеон, кој бил во егзил на островот од 1815 до 1821 година.
Џонатан живее во резиденцијата на гувернерот заедно со Дејвид, Ема и Фред, многу помлади желки.
Жителите на островот од денеска три дена го слават роденденот на Џонатан, кој утре ќе го добие омилениот зеленчук.
А во недела право на роденденска торта ќе има Џонатан кој сега е слеп и го изгубил сетилото за мирис, но совршено слуша.